врв

Акните се едни од најчестите хронични инфламаторни состојби на лојните жлезди кои се јавуваат во различни периоди од животот, најчесто во пубертетот. Наједноставно кажано, акни се појавуваат кога маснотијата која се лачи од лојните жлезди комбинирана со мртвите кератински клетки го затвораат влакнениот фоликул при што настанува колонизација со бактерии, а со тоа и воспалителен процес кој резултира во појава на акни.

За причините, видовите и терапијата за лекување на акни разговаравме со Др. Искра Петровска Шешова, Специјалист дерматовенеролог, од дерматолошко – естетската ординација Др. Искра.

 

Причини за појава на акни

Причините за настанување на акни се различни и тие може да варираат од хормонален дисбаланс, преку зголемена себацеална продукција и стрес, па сè до генетска предиспозиција.

Доколку се јавуваат како резултат на промена во хормоналниот статус, кожата забрзано и прекумерно лачи преку лојните жлезди што е всушност предизвикано од зголемена андрогена продукција. Често присутен е и генетскиот фактор, кој има влијание на пример да се појават акни кај тинејџери чиишто родителите имале акни. Некогаш, појавата на акни се поврзува и со зголемениот гликемиски индекс – во случај на зголемена консумација на јаглени хидрати кои дејствуваат на зголемена андрогена продукција, кожата реагира со зголемена активност на лојните жлезди и зголемено производство на себум, што крајно резултира во појава на акни.

Видови на акни

Постојат различни видови на акни: папулозни, пустулозни, комедони, цистични и други и може да се јават во лесна, средна и тешка форма. Најчесто се локализирани на лице, чело, гради, грб и раменици.

Терапија и лекување на акни

Лекувањето на акните е специфичен, долготраен и многу индивидуален процес. Она што е особено важно е првиот преглед да биде направен од страна на дерматолог кој ќе ја постави точната дијагноза и ќе отпочне со соодветна терапија .

Постојат неколку значајни фази на дејствување на кои треба да се обрне внимание при лекувањето на акните:

  • Намалување на продукцијата на себум (комедолитичко дејство)
  • Отстранување на површинските кератински мртви клетки (кератолотичко дејство)
  • Уништување на бактериите присутни во каналот на лојната жлезда (бактерицидно дејство)

При третманот на акни прво се започнува со препорачана топична (локална) терапија која вклучува медицински дерматолошки производи за проблематична кожа склона кон акни. Тоа се лосиони, креми или гелови кои во својот состав најчесто содржат бензоил пероксид, азелаична киселина, салицилна киселина, ретиноиди, АХА киселини, антибиотици итн. Терапијата која е препорачана од дерматолог треба редовно и дисциплинирано да се спроведува. Вообичаено првичните резултати може да се видат дури после 12 недели.

Ако се работи за  потешки форми на акни, покрај топичната (локална) терапија, се препорачува и терапија со антибиотици на база на тетрациклини, еритромицин или пак поновата група на макролидни антибиотици кои даваат одлични резултати кај третман на акни. Понекогаш пак во консултација со гинеколог може да се вклучи и хормонална терапија. Кај потешки облици на акни (нодуло-цистични) пак, се применува терапија со орални ретиноиди .

За да се постигнат подобри резултати, а секако во зависност од состојба и видот на акните, се препорачува терапијата да се комбинира и со третмани за чистење на лице односно со комедоно-екстракција со цел да се ослободи каналот на лојната жлезда. Понатаму, се препорачуваат и третмани со микродермоабразија (механички пилинг), светлосна терапија, како и хемиски пилинг (со хемиска супстанција ) сè со цел да се спречи понатамошното создавање на акни и да не дојде до создавање на лузни кои дополнително треба да се лекува. При третман на акни, вообичаено најдобри резултати има комбинираната терапија која дерматологот ја одредува индивидуално за секој пациент.

 

***

Содржините на блогот се од информативен карактер и тие не се наменети за да дијагностицираат или третираат одредена состојба или пак да се однесуваат на некој специфичен тип на кожа или пак проблем. Иако правиме напори да публикуваме актуелни информации од сигурни извори, сепак, ние во BeautyHub не можеме да предвидиме како конкретни производи ќе влијаат на секоја кожа или купувач поединечно, ниту пак може да гарантираме специфични резултати. Воедно, не можеме да ја гарантираме точноста на информациите ниту пак да преземеме одговорност за конкретен пропуст или грешка. Доколку имате некој конкретен проблем, ве молиме консултирајте се со вашиот дерматолог.

v

At vero eos et accusamus et iusto odio dignissimos qui blanditiis praesentium voluptatum.
You don't have permission to register

Reset Password