врв

Во зимскиот период нашата кожа е изложена на различни негативни влијанија кои можат да доведат до сушење, пукање и иритација. За да се одржи кожата влажна, мека и здрава во зимскиот период, потребна e дополнителна нега.

Разговаравме со Др. Искра Петровска Шешова, Специјалист дерматовенеролог од Дерматолошко естетската ординација Др. Искра за тоа како треба да се негува кожата во зимскиот период.

 

Една од основните функции на нашата кожа е нејзината заштитна функција која спречува губиток на вода. Таа заштита ја сочинуваат маснотии кои формираат заштитен липиден филм на површината на кожата. Ладниот и сув воздух ја намалува количината на природни масти при што од површината на кожата испарува поголема количина вода. На тој начин кожата станува дехидрирана, сува и се лупи. Грубата, сува и иритирана кожа е склона кон создавање на егзем. Зимскиот период ги влошува и хроничните состојби на кожата како што е псоријазата, атопичниот дерматит и себорејата. Црвенилото и проширените капилари стануваат видливи поради наглото преминување  од ладно на топло.

Како да се негува кожата во текот на зимскиот период?

Хидратација

Особено е важно да се надомести влажноста која е изгубена, и тоа со користење креми кои не покрај хидратантни состојки содржат и маслена состојка. Маслената состојка прави филм на кожата и не дозволува губиток на вода. Кремите треба да содржат и масни киселини но и компоненти како природни влажни фактори, уреа, глицерол, алфа-хидроксни киселини кои имаат голем капацитет за врзување на водата. Секако важни се и останати витамини и хранливи материи кои и се неопходни на кожата, но исто така е важно и да се нанесуваат повеќе пати на ден со што ќе ја исполнат улогата која треба да ја имаат – да ја заштитуваат кожата.

Заштита од сонце

Зимското сонце во комбинација со рефлексија од снег исто така ја суши и оштетува кожата. Затоа, користење крем или заштитен фактор со најмалку SPF фактор 30 кој штити од UVA и UVB зраци е особено важно.

Нега на раце

Кожата на рацете е многу чувствителна – во зимскиот период таа е склона кон сушење, лупење и честа е појавата на егзем. Се препорачува често нанесување на емолијантни креми кои содржат глицерол и линолеинска киселини кои даваат соодветна влажност и мекост на кожата.

Нега на тело

Во зимскиот период се препорачува туширање со млака вода и да се избегнуваат топли купки кои дополнително ја сушат кожата. Нанесување на хидратантни и емолијатни креми е исто важен дел од редовната нега на телото во зимскиот период.

Нега на усни

Усните се подложни кон создавање  на пукнатини и сушење во текот на зимата. Се препорачува секојдневно користење на балсам за уста и тоа повеќе пати во текот на денот.

Пилинг

Особено е важно во овој период од годината да се прави пилинг еднаш неделно. Пилингот помага за отстранување на мртвите клетки од површината на кожата со што се овозможува хидратантните креми полесно да навлезат длабоко во кожата. Пилингот може да е и професионален кога се изведува во дерматолошка ординација. Со помош на овој третман грубата и задебелена кожа се заменува со нова, еластична, подмладена и затегната кожа, богата со колаген и еластин.

 

***

Содржините на блогот се од информативен карактер и тие не се наменети за да дијагностицираат или третираат одредена состојба или пак да се однесуваат на некој специфичен тип на кожа или пак проблем. Иако правиме напори да публикуваме актуелни информации од сигурни извори, сепак, ние во BeautyHub не можеме да предвидиме како конкретни производи ќе влијаат на секоја кожа или купувач поединечно, ниту пак може да гарантираме специфични резултати. Воедно, не можеме да ја гарантираме точноста на информациите ниту пак да преземеме одговорност за конкретен пропуст или грешка. Доколку имате некој конкретен проблем, ве молиме консултирајте се со вашиот дерматолог.

At vero eos et accusamus et iusto odio dignissimos qui blanditiis praesentium voluptatum.
You don't have permission to register

Reset Password