Комбинации на активни состојки кои треба да се избегнуваат
Креирањето рутина е начин како да извлечете максимум од сите активни состојки во производите кои сакате да ги користите. Но, рутината која сте ја креирале може да предизвика сосема спротивен, негативен ефект, доколку активните состојки кои се употребуваат не се комбинираат правилно. Правилните комбинации не само што ќе ви заштедат пари и време, ќе ви помогнат да постигнете максимум од вашата нега и тоа без иритација.
Како што е важно производите да се користат по определен редослед, така е важно, ако не и поважно, производите да се искомбинираат правилно. Подолу ќе најдете основни информации за тоа кои комбинации на активни состојки треба да се избегнуваат, а кои комбинациите се препорачуваат за да се извлече максимумот од негата.
Ретинолот или пак третиноинот се верзии на Витамин А со различна јачина и степен на конверзија кои веќе некое време го држат приматот во антиејџ негата како и во борбата со акни. Тие преку зачестена ексфолијација (cell turnover) помагаат за минимизирање на фини линии и брчки, за изедначување на тенот, борба со пигментација и акни. Но, покрај овие придобивки, ретинолот и третиноинот се активни состојки кои може да предизвикаат иритација. Особено кога се во комбинација со други активни состојки кои можат да направат дополнителна иритација.
НЕ КОМБИНИРАЈТЕ РЕТИНОЛ/ТРЕТИНОИН СО: AHA/BHA киселини и со Витамин Ц
AHA и BHA киселините исто како и ретинолот имаат примарна задача да ја ексфолираат кожата, што може да предизвика сушење на кожата и дополнителна иритација кога се во комбинација со Витамин А.
Користењето на Витамин Ц и Витамин А заедно е рецепт за сериозна иритација. Воедно, тие заедно ја прават кожата екстремно фотосензитивна, што значи дека, ризикот за горење и УВ оштетување на лицето е далеку поголема. Витаминот Ц е антиоксиданс и како таков ја штити кожата од надворешни влијанија, додека ретинолот ја екфолира и регенерира и овие две состојки е најдобро да се користат во различни делови од денот. Витаминот Ц е најдобро да се користи во дневната нега, а Витаминот А во ноќната нега.
КОМБИНИРАЈТЕ РЕТИНОЛ/ТРЕТИНОИН СО: Хидратантни серуми и креми, хијалурон, церамиди, пептиди, ниацинамид, заштитен фактор.
Витаминот Ц е антиоксиданс и ја штити кожата од надворешни влијанија и од слободните радикали и најдобро е да се користи наутро. Помага при пигментација на кожата и е одлична антиејџ состојка.
НЕ КОМБИНИРАЈТЕ ВИТАМИН Ц СО: АХА/BHA киселини и со ретинол/третиноин
Комбинирањето на Витамин Ц и АХА/BHA киселини како што се гликолната, салицилната и млечната киселина генерално може да предизвика иритација. Комбинацијата на овие состојки ќе ја наруши pH вредноста на кожата и буквално ќе ги направи поединечно прекрасните состојки, бескорисни. Најдобро е да се користат во различни делови од денот, односно Витамин Ц да се користи наутро.
Веќе споменавме, Витамин Ц и Витамин А се рецепт за иритација. Ретинолот и третиноинот ја ексфолираат кожата и помагаат во произведувањето колаген, а Витаминот Ц е најкорисен кога се користи наутро, така што, најдобро е да се користат во различни делови од денот.
КОМБИНИРАЈТЕ ВИТАМИН Ц СО: Хидратантни серуми и креми, хијалурон, церамиди, Витамин Е, пептиди, заштитен фактор.
AHA/BHA киселини
Салицилната, гликолната и млечната киселина се одлични состојки кога ни е потребна антиејџ нега или пак кога кожата е склона кон акни. Сите три киселини ја ексфолираат кожата и притоа имаат тенденција да ја исушат и со тоа да ја направат поподложна на иритации. Затоа е особено важно да се внимава при комбинирањето со други состојки.
НЕ КОМБИНИРАЈТЕ AHA/BHA КИСЕЛИНИ СО: Ретинол/третиноин и со Витамин Ц
Иако процесот на ексфолијација не е ист кај AHA/BHA киселините и ретинолот/третионоинот, сепак, сите овие активни состојки ја ексфолираат кожата и нивната комбинација може екстремно да ја иритира кожата, да ја направи сензитивна и да ја наруши кожната бариера. Ако сепак сакате да ги користите сите овие активни состојки, направете го тоа во наизменични или последователни денови, но никогаш заедно во истиот ден. И секако, исклучиво како дел од ноќната нега.
Напомена: Не користете поединечно салицилна, гликолна и млечна киселина бидејќи не знаете со која pH вредност се формулирани. Може да предизвикаат иритација. Кога овие киселини се формулирани во еден ист производ, тогаш прозводителот се погрижил тие да се во балансиран однос кој нема да предизвика реакција.
Комбинирањето на Витамин Ц и AHA/BHA киселините како што споменавме, може да ја наруши pH вредноста на кожата, ќе има негативен ефект односно ќе ја наруши кожната бариера.
КОМБИНИРАЈТЕ AHA/BHA КИСЕЛИНИ СО: Хидратантни серуми и креми, хијалурон, церамини, пептиди, ниацинамид.
Ниацинамид
Ниацинамид или Витамин B3 е антиоксиданс кој помага за осветлување на пигментација предизвикана од акни, но и за генерално осветлување на кожата и изедначување на тенот. Ниацинамидот е многу благородна состојка и може да се користи скоро со сите состојки од вашата рутина, но треба внимателно да се користи во комбинација со Витаминот Ц.
Иако и двете состојки се антиоксиданси, кога се користат поединечно постои можност да се формулирани во високи концентрации и со pH вредности кои потенцијално може да бидат некомпатибилни. Кога се во пониски концентрации или пак во ист производ за кој производителот обезбедил безбедна формулација, можноста за иритација е минимална или непостоечка.
***
Содржините на блогот се од информативен карактер и тие не се наменети за да дијагностицираат или третираат одредена состојба или пак да се однесуваат на некој специфичен тип на кожа или пак проблем. Иако правиме напори да публикуваме актуелни информации од сигурни извори, сепак, ние во BeautyHub не можеме да предвидиме како конкретни производи ќе влијаат на секоја кожа или купувач поединечно, ниту пак може да гарантираме специфични резултати. Воедно, не можеме да ја гарантираме точноста на информациите ниту пак да преземеме одговорност за конкретен пропуст или грешка. Доколку имате некој конкретен проблем, ве молиме консултирајте се со вашиот дерматолог.