врв

Нега на лице за различни луѓе има различно значење. Но, добра нега, која ќе ни обезбеди убаво, негувано и хидрирано лице, која ќе го нагласи она што го носиме во себе, вклучува повеќе чекори, кои реално, понекогаш може да бидат збунувачки. Доколку сакате да истражувате, интернетот е непресушен извор на информации, но, исто така може да биде и пандорина кутија. Доколку сте размислувале да почнете со посериозна нега на лице, тогаш сигурно сте се сретнале со многу информации за тоа колку чекори ви се доволни и што сè треба да користите за да добиете и имате порцелански тен. Воедно постојат толку многу производи и понекогаш е практично невозможно сами да си направите рутина која ќе одговара на вашето лице и на вашите потреби.

Генерално, не постои стриктно правило за тоа колку чекори треба да има во рутината, и кои производи конкретно треба да ги користите, но за полесно да навигирате во светот на добрата нега на лице, подолу за вас подготвивме начелни насоки за тоа што би било добро да користите и по кој редослед. Земете ги овие насоки како патоказ, а наша препорака е да пробувате и лично да одлучите што е тоа што вам ви одговара и секако да се забавувате и да уживате во процесот. Добрата нега на лице треба да е извор на уживање и одвоено време за себе, нешто што ни недостига на сите.

Она што секогаш треба да се има на ум при нега на лице е дека хидратацијата е клучна за добро негувано лице. И сите чекори кои ќе ги преземете, како и производите кои ќе ги употребите, треба да придонесат кон таа цел, лицето да е потполно хидрирано. Насоките подолу се инспирирани од таа почетна идеја за хидрирано, полно и сјајно лице и кожа.

Чистење на лицето

Чистењето на лицето е можеби најважниот дел од негата. И наутро и навечер.

Доколку имате сува кожа, можеби нема да чувствувате потреба наутро да измиете лице, но сепак, би било добро да го почнете денот со свежо лице, или „празно платно“ на кое треба да нанесете „слоеви боја“.

Навечер пак, особено е важно да се измие лицето два пати – еднаш со чистач на маслена основа и втор пат со гел/пена или слично благо средство за миење. Овој метод на двојно чистење на лицето прави огромна разлика кај масна, комбинирана и особено кај кожа склона на акни. Голем дел од борбата со акни започнува со убаво исчистена кожа.

Со чистењето, два пати на ден ги отстранувате бактериите, нечистотиите и сите честички кои од загадениот воздух застанале на вашето лице. Но, треба да сте внимателни и со изборот на средство за миење, не секоја кожа треба да се чисти со секој тип на средство за миење. Оние со проблематична кожа, треба да се особено внимателни и да не претеруваат со чистачи со активни состојки бидејќи може да направат обратен ефект. Ако кожата се пресуши од претераното користење на активни состојки (на пример салицилна киселина), таа ќе произведува повеќе масло за да проба да го направи баланс и со тоа потенцијално ќе предизвика нови акни. Она што можеби е најбезбедно за користење е да изберете благи, едноставни чистачи, кои нема да ја иритираат вашата кожа, а сепак добро ќе ви го исчистат лицето.

Купи средство за чистење лице

Тонер

Тонирањето на лицето е чекор кој ќе ја постави основата за добра хидратација на лицето. Тонерите кои се користат денес, не треба да ги мешаме со тониците кои ги знаеме од порано чија улога беше дополнително да го исчистат лицето по миењето. Тие тоници најчесто содржеа (и содржат) алкохол кој дополнително го суши лицето, а тоа е нешто што треба да се избегнува по секоја цена.

Тонерите можете да ги користите два и повеќе пати на ден, на чисто лице, како прв чекор кој ќе обезбеди баланс на кожата. Ова е особено важно доколку користите средства за чистење лице кои имаат и активни состојки кои се малку груби за лицето, после кои тонерот ќе дојде како мелем на рана. Доколку имате сензитивна кожа, исто треба да внимавате да одберете тонери кои не содржат алкохол или пак есенцијални масла.

Купи тонер

 

Третман

Третманите се производи кои содржат активни состојки кои треба да одговорат на некоја ваша специфична потреба, како на пример акни, флеки, брчки и слично. Тие може да се тонери, емулзии, лосиони, серуми и слично, но во секој случај содржат соодветна активна состојка или пак комбинација од состојки кои третираат конкретен проблем.

Зависно од тоа што ве загрижува, ќе треба да употребите (и тоа веднаш штом забележите некој проблем, пред да стане преголем) соодветен третман. На пример, доколку ве загрижува тоа што кожата постојано ви е без сјај, вие треба да посветите сериозно внимание на хидратација и да внесете што повеќе производи со хијалуронска киселина, антиоксиданси или пептиди, а можеби и некоја блага киселина која ќе направи побрза ексфолијација на лицето. Ако ви сметаат малите брчки, вие ќе треба да најдете производ кој содржи некоја верзија на витаминот А, односно третиноин, ретинол итн, но воедно и да ја дополните негата со хијалуронска киселина, но и пептиди. Доколку имате акни, вам ќе ви требаат производи кои ја ексфолираат кожата, како на пример салицилна киселина, но и производи кои сериозно ќе ја хидрираат кожата по ексфолијацијата.

Купи третман

Серум

Серумите се дел од негата кои треба да обезбедат дополнителна хидратација на лицето и кои заедно со третманите ќе обезбедат хидрирано и негувано лице со силна кожна бариера. Тие многу често содржат и активни состојки или пак состојки кои имаат некоја функција и поради тоа серумите и третманите зависно од потребите понекогаш може и да се класифицираат во истата категорија. Но бидејќи серумите ја имаат таа моќ да навлезат длабоко во слоевите на кожата, тие покрај другите функции, доминантно овозможуваат добра и брза хидратација и во текот на денот но особено во текот на ноќта. Тие се нанесуваат после производите кои третираат некој специфичен проблем, а пред кремата за лице.

Купи серум

Крема за лице

Кремите за лице најчесто содржат состојки кои прават еден вид на бариера на лицето која ќе овозможи сите оние убави работи кои сте ги ставиле во претходните чекори да останат внатре и да си ја завршат работата за која се наменети. Со кремата за лице вие и ќе обезбедите дополнителен чекор за хидратација, но и ќе му помогнете на лицето да ги искористи сите активни состојки со кои сте го нахраниле претходно. Она што треба да се запомни е дека серумите или третманите, колку и да ви изгледаат дека се хранливи, тие не може да ја заменат кремата и дека таа си има своја функција која придонесува кон крајната цел. Постојат различни видови на креми за лице кои одговараат на различни типови на кожа, и треба внимателно да се одберат имајќи ги предвид сите специфики на секој тип на кожа поединечно. Кремите кои одговараат на сите типови на кожа пак, вообичаено се направени со многу благи состојки кои се безбедни и за сензитивни типови на кожа, и може да ги користат сите, но сепак, треба да се внимава кај посувите типови на кожа кои може да бараат дополнителна хидратација од онаа која ја нудат кремите за сите типови на кожа.

Купи крема за лице

 

Заштитен фактор

Заштитните фактори се исклучително важни во основната нега на лице. Тие ја штитат кожата од УВ зраците кои се сериозно штетни за кожата, без разлика кое годишно време е. Навикнати сме да користиме заштитен фактор најчесто во лето и тоа кога сме на одмор, на плажа. Но, штетните УВ зраци ги има во текот на  целата година. Доколку навистина сакате да посветите внимание на нега на кожа, заштитниот фактор е буквално еден од чекорите кој не смеете да го прескокнете. Сонцето покрај тоа што ја оштетува кожата и го забрзува стареењето, тоа, што е уште поважно, предизвикува промени на кожата кои понатаму можат да преминат во некој вид на рак на кожа. Користењето заштитен фактор е важно не само од естетски причини, туку пред сè од здравствени причини.

Кога бирате фактор, истиот по препорака од дерматолози треба да е најмалку со фактор 30 и тоа со широк спектар на делување. Воедно, заштитниот фактор треба да го нанесувате повеќе пати во текот на денот за да обезбедите целосна заштита, особено ако сте подолго време директно изложени на сонце.

Купи заштитен фактор

***

Содржините на блогот се од информативен карактер и тие не се наменети за да дијагностицираат или третираат одредена состојба или пак да се однесуваат на некој специфичен тип на кожа или пак проблем. Иако правиме напори да публикуваме актуелни информации од сигурни извори, сепак, ние во BeautyHub не можеме да предвидиме како конкретни производи ќе влијаат на секоја кожа или купувач поединечно, ниту пак може да гарантираме специфични резултати. Воедно, не можеме да ја гарантираме точноста на информациите ниту пак да преземеме одговорност за конкретен пропуст или грешка. Доколку имате некој конкретен проблем, ве молиме консултирајте се со вашиот дерматолог.

v

At vero eos et accusamus et iusto odio dignissimos qui blanditiis praesentium voluptatum.
You don't have permission to register

Reset Password