Неколку причини зошто треба да користите заштитен фактор секој ден
Повеќето од нас знаат колку е важно да се користи заштитен фактор во текот на летото за да се избегнат изгореници и оштетувања на кожата, но ставањето заштитен фактор треба всушност да е превентивна нега во текот на целата година.
За важноста од вклучувањето на заштитен фактор во редовната, секојдневна нега разговаравме со Д-р. Искра Петровска Шешова, специјалист дерматолог, од дерматолошко естетската ординација Д-р. Искра.
Зошто е важно да се вклучи заштитен фактор во редовната нега
Кожата како најголем орган на човековото тело има исклучителна моќ на помнење. Доколку сме имале изгореници во период од детството кожата тоа го памети и несаканите последици можеме да ги имаме подоцна во животот. Поради тоа особено е важно користењето на заштитни фактори за нега на кожата.
UV зрачењето е еден од најголемите ризик фактори кои ги предизвикуваат најчестите видови рак на кожа. Конзистентна, соодветна заштита од сонцето односно од UV зрачењето помага за драстично намалување на ризиците и затоа особено е важно заштитен фактор да се става секојдневно, без разлика дали надвор е сончево или облачно.
Користењето на креми со висок заштитен фактор исто така го забавуваат процесот на стареење на кожата. Со користење на заштитен фактор се намалува ризикот од хиперпигментација која се јавува при подолга изложеност на штетното UV зрачење и е всушност состојба во која делови од кожата потемнуваат поради промените во производството на меланин во кожата. Користењето заштитен фактор ја намалува сензитивноста на кожата, особено кај оние кои имаат алергии на сонце или пак кожни состојби како розацеа, кои предизвикуваат иритација при изложеност на сонце. Заштитниот фактор ја штити сензитивната кожа и сериозно помага за контролирање на овие состојби.
Што претставува заштитниот фактор?
UV зрачењето е дел од светлосното зрачење на сонцето кое доаѓа на земјата. Постојат 3 главни типа на зрачење – UVA, UVB и UVC, но оштетувањата на кожата ги предизвикуваат UVA и UVB зрачењата. UVA зраците се всушност со поголема бранова должина и продираат длабоко во кожата. На тој начин тие предизвикуваат промени на ДНК генетскиот материјал на клетката, а поради тоа се ослободуваат слободни радикали кои понатаму го забрзуваат и процесот на стареење. UVA зраците воедно се тие кои предизвикуваат и чести алергии од сонце и настанување на пигментации кој настанува како резултат на оштетување на пигментните клетки (меланоцитита). UVB зраците пак, имаат важна улога во создавањето на витаминот Д кој е од витално значење на нашето тело. Но тие со својата помала бранова должина ги оштетуваат првите слоеви на кожата (епидермисот) и на тој начин се јавуваат изгореници.
Сето ова значи дека UVA и UVB зрачењата можат да предизвикаат несакани промени на нашата кожа кои понатаму можат да доведат до создавање на рак на кожата. Затоа, користете заштитен фактор со кој ќе ја заштитите кожата од штетните UVA и UVB зраци, избегнувајте прекумерно изложување на сонце и користете соодветна облека која ги одбива сончевите зраци, но не ја заборавајте капата и наочарите за сонце. Секако, секое изложување на сонце доколку е умерено, дејствува позитивно за нашата кожа. Но доколку не ги следиме препораките од дерматолог, последиците може да се несакани и да направат големи оштетувања на кожата.
Како и кога да користите заштитен фактор
Доколку сте во можност, користете минерални заштитни фактори (ова особено се однесува на кожа која е сензитивна и е предиспонирана на алергии) со најмалку 30 SPF и тоа со широк спектар на делување. Минералните заштитни фактори се физичка заштита од сонце, содржат минерални состојки како цинк оксид или титаниум оксид кои кога се размачкуваат, буквално ги одбиваат штетните UV зраци од лицето. Заштитниот фактор треба да се нанесе во соодветна количина (отприлика колку петденарка) на лицето за да се обезбеди максималниот заштитен фактор наведен на производот. Доколку ставите помала количина, вие го намалувате факторот и со тоа и ефикасноста. Ставете фактор најмалку 15-20 минути пред да се изложите на сонце и редовно аплицирајте на секои 2-3 часа во зависност од изложеноста. Комбинирајте го заштитниот фактор во дневната рутина со Витамин Ц за подобра заштита и борба против слободните радикали и UV зрачење и секако избегнувајте подолга изложеност на сонце особено во критичните часови која сонцето е најјако.
***
Содржините на блогот се од информативен карактер и тие не се наменети за да дијагностицираат или третираат одредена состојба или пак да се однесуваат на некој специфичен тип на кожа или пак проблем. Иако правиме напори да публикуваме актуелни информации од сигурни извори, сепак, ние во BeautyHub не можеме да предвидиме како конкретни производи ќе влијаат на секоја кожа или купувач поединечно, ниту пак може да гарантираме специфични резултати. Воедно, не можеме да ја гарантираме точноста на информациите ниту пак да преземеме одговорност за конкретен пропуст или грешка. Доколку имате некој конкретен проблем, ве молиме консултирајте се со вашиот дерматолог.